Go to content

2024 NSW Local Government elections | Локални избори во Нов Јужен Велс 2024 година

Локалните избори во Нов Јужен Велс ќе се одржат во сабота, 14 септември 2024 година. Гласањето е задолжително.

On this page

За локалните избори

Нов Јужен Велс е поделен на 128 единици на локална самоуправа. Со секоја единица на локална самоуправа раководи општински совет (council) и гласачите во секоја единица избираат луѓе кои ќе ги претставуваат во советот. Избраните членови на советот се викаат советници (councillors), а на чело на советот е градоначалникот (mayor).

Некои единици на локална самоуправа се поделени на градски изборни единици (wards). Ако живеете во поделено општинско подрачје, гласате само за градската изборна единица во која сте запишани за гласање.

Гласачите во некои подрачја исто така гласаат за избор на нивниот градоначалник. Во други подрачја, градоначалникот го избираат избраните советници.

Улогата на општинските совети

Улогата на општинските совети во Нов Јужен Велс е да се грижат за потребите на градот или локалната заедница.   

Во обврските на општинските совети се вклучуваат:

  • одлуки за планирање и презонирање на урбан простор
  • локални патишта и водна инфраструктура
  • библиотеки, спортски објекти и паркови
  • собирање и рециклирање на отпад од домаќинствата. 

Како можам да знам дека треба да гласам? 
 (Запишување во избирачкиот список)

За да гласате, мора да се запишете во избирачкиот список ако сте на возраст од 18 години и постари, и сте австралиски државјанин. 

Гласањето е задолжително. Гласањето ви овозможува да изберете кој ве претставува во сојузната, државната и локалната власт. 

Можете да се запишете за гласање ако сте:

  • австралиски државјанин и
  • на возраст од 16 години или постари (меѓутоа не ќе можете да гласате додека не наполните 18 години) и
  • живеете на вашата сегашна адреса најмалку еден месец.

Можете да се запишете за гласање или да ги обновите вашите податоци во избирачкиот список на веб-страницата на Австралиската изборна комисија или да пополните хартиен формулар

Откако ќе се запишете, ќе добиете потврда со вашето име како што стои на избирачкиот список и во која сојузна изборна единица, државна изборна единица и единица на локална самоуправа сте запишани.

Постапката на запишување е на англиски јазик.

Можности за гласање

Постојат повеќе можности за гласање на локалните избори во Нов Јужен Велс 2024 година

На овие избори можете да гласате:

  • лично пред денот на изборите на место за предвремено гласање (ако ги исполнувате условите) или 
  • лично на денот на изборите или
  • со поштенско гласање (ако ги исполнувате условите).

За да проверите каде можете да гласате на или пред денот на изборите, внесете ја вашата адреса во лентата за пребарување адреси (address lookup) тука 

Внесете ја адресата на која сте запишани за гласање за да најдете список на гласачки места и информации кога е отворено и колку е достапно секое место. 

Доколку сте слепи или имате слаб вид, можете да гласате преку телефон со помош на телефонист ако се јавите на 1300 248 683 за да се запишете и да гласате.

На овие избори можете да гласате само еднаш.

Гласачки ливчиња за локални избори

Кога ќе дојде време за гласање, ќе ви бидат дадени едно или повеќе гласачки ливчиња за пополнување, во зависност од тоа во кое општинско подрачје или градска изборна единица сте запишани за гласање. 

Сите гласачи ќе добијат гласачко ливче кое треба да го пополнат за избор на советници.  Исто така може да добиете гласачко ливче за избор на градоначалник, гласачко ливче за референдум и/или анкетно гласачко ливче.

Внимателно прочитајте ги упатствата на секое гласачко ливче. Упатствата се напишани на англиски јазик.
 
Запамтетете, ако гласате лично и ви треба помош, замолете го персоналот на гласачкото место да ви ангажира преведувач преку телефон. Со вас исто така може да дојде пријател, член на семејството или негувател за да ви помогне да ги разберете упатствата за гласање.

Советник

Некои општини се поделени на помали подрачја наречени градски изборни единици. Ако живеете во една од овие општини, ќе гласате за советници кои ќе ја застапуваат вашата изборна единица и кои ќе им се придружат на советниците од другите градски изборни единици во општината. 

Во некои општини, на гласачкото ливче ќе има дебела линија која поминува низ целата страница, со полиња за гласање над и под линијата.  На овие гласачки ливчиња, вашиот избор може да го означите над линијата или под линијата.   Внимателно прочитајте ги упатствата. 

Градоначалник

Во некои општини, градоначалникот го избираат советниците после изборите.

Во други општини, градоначалникот директно го избираат гласачите.   Гласачите во овие општини исто така ќе добијат за пополнување гласачко ливче за избор на градоначалник.

Референдум или анкета

Некои општини може исто така да одржат референдум за можно менување на структурата на општината или анкета за некој проблем во вашата заедница.  

За да го пополните гласачкиот лист на референдум или при анкета, следете ги упатствата за да означите ‘YES’ („ДА“) или ‘NO’ („НЕ“).