Political donations | Политички донации
On this page
Овие информации се преведени за образовни цели на јазиците кои се зборуваат во заедницата. Беа вложени напори во разумни граници да се обезбедат точни преводи, меѓутоа, ниту еден превод не е совршен. Официјалниот текст е верзијата на англиски јазик на оваа веб-страница.
Сите отстапки или разлики кои произлегуваат од преводите немаат правен ефект со цел на услогласување или законска примена. Ако какви било прашања се појават во врска со верноста на информациите во преводот, користете ги материјалите на англиски јазик, кои се официјални, на оваа веб-страница.
Политички донации
Политичките партии, кандидатите и други поединци како и организации кои се вклучени во политика или избори може да бараат донации или друг вид на поддршка, особено пред избори.
Политичка донација е подарок даден на или во корист на политичка партија, избран член на Парламентот или локална општина во Нов Јужен Велс, кандидат или група на кандидати на избори за парламентот или локалните општини во Нов Јужен Велс или лице кое ја користи донацијата за да се задолжи заради изборни трошоци или да даде политичка донација на друго лице.
Постојат ограничувања на вкупниот износ кој може да го прифати некоја политичка партија, кандидат или друг учесник во изборниот процес во една финансиска година. Овие максимални износи се ажурираат секоја финансиска година и се објавуваат на веб-страницата на NSW Electoral Commission (Изборна комисија на Нов Јужен Велс).
Кога некој донатор ќе даде политичка донација, од него може да се побара да го даде неговото име и адреса со цел примателот на донацијата да може да потврди дека донаторот е легален и дека донацијата е во согласност со ограничувањата за донации.
Политички донации Видео записи
Видови на политички донации
Политичките донации се донации за државни или локални избори во Нов Јужен Велс или за избрани пратеници во Параламентот или локалните општини во Нов Јужен Велс.
Во примери на политички донации се вклучуваат:
парични подароци
непарични подароци
бесплатни услуги или услуги со попуст
придонес, влезница или друга исплата за учествување на или извлекување корист од настан или официјален прием за собирање на парични средства
годишни или други претплати кои на политичка партија ги исплаќа член на партија, поединец или стопански субјект за поврзување со партијата
ненаплатена камата на заем.
Во политички донации во Нов Јужен Велс не се вклучуваат:
наследство
подарок даден исклучиво заради сојузни избори, на член на сојузниот парламент за избори надвор од Нов Јужен Велс или на избран член надвор од Нов Јужен Велс.
Политички донации кои мора да се пријават
Политичка донација која мора да се пријави е донација во вредност од 1.000 долари или повеќе. Ова вклучува повеќекратни донации од ист донатор на ист примател во една финансиска година во вкупна вредност од 1.000 долари или повеќе.
Лицето кое дава политичка донација која мора да се пријави е главен политички донатор.
Кога некоја политичка партија, избран член, кандидат или друг учесник во изборниот процес ќе прими политичка донација која мора да се пријави, главниот политички донатор мора да добие потврда.
За непарични донации, главниот политички донатор мора да добие писмена признаница.
Мали политички донации
Мала политичка донација е политичка донација која изнесува помалку од 1.000 долари.
Доколку се дадат повеќе мали донации на исто лице во една финансиска година, тие може да бидат политички донации кои мора да се пријават кога ќе се соберат заедно.
Политичките донатори треба да водат сметка да водат точна евиденција за да можат да утврдат дали тие дале повеќе мали донации, кои кога ќе се соберат, станале политичка донација која мора да се пријави.
Кој може да дава донации?
Во Нов Јужен Велс се применуваат строги правила за тоа кој може да дава политички донации. Донаторот мора да биде:
поединец кој е запишан за гласање на сојузните избори или државни или локални избори во Нов Јужен Велс, или
стопански субјект со деловен број кој е потврден од Australian Securities and Investments Commission (Австралиска комисија за хартии од вредност и инвестиции), (на пример, ABN или ACN), или
поединец или стопански субјект кој има одобрување од Изборната комисија на Нов Јужен Велс да дава политички донации.
На одредени корпорации, поединци и нивните блиски соработници им е забрането да даваат политички донации.
Во забранетите донатори се вклучуваат:
градежни претпријатија
стопански субјекти во индустриската гранка за тутун
стопански субјекти во индустриските гранки за алкохол и коцкање
блиски соработници или индустриски организации кои застапуваат забранети донатори.
Незаконски политички донации
Одредени политички донации се незаконски. Ако некое лице даде или прими политичка донација која е незаконска, тогаш тоа лице можеби направило прекршок и Изборната комисија на Нов Јужен Велс може да го даде на суд.
Примери на незаконски политички донации вклучуваат:
донации во готовина над 100 долари. Политичките донации во износ над 100 долари мора да се достават електронски или со чек
анонимни политички донации
донации од забранети донатори
донации кои се поголеми од максималниот дозволен износ за донации.
Пријавување на политички донации
Лице кое дава политичка донација која мора да се пријави е главен политички донатор. Главните политички донатори мора да ги пријават политичките донации кои ги дале на Изборната комисија на Нов Јужен Велс. Ваквите политички донации мора да се пријавуваат еднаш годишно, после завршување на финасиската година. Информации како да пријавите донации можете да најдете на нашата веб-страница.
Политичките партии, избраните членови, кандидатите и други учесници во изборниот процес мора исто така да ги пријават донациите кои ги дале или примиле. Пријавувањето на донации од страна на главните политички донатори помага да се потврди дали е точно тоа што го пријавиле политичките партии, кандидатите и други учесници во изборниот процес.
Заради транспарентност, Изборната комисија на Нов Јужен Велс е обврзана според законот да ги објави сите пријавени донации на нејзината веб-страница.
Контактирајте не
Ако имате било какви прашања, ве молиме, јавете се на 1300 022 011 или испратете ни имејл на fdc@elections.nsw.gov.au. Ако ви е потребен преведувач, ве молиме, јавете се на TIS National на 131 450 и замолете ги да телефонираат на Изборната комисија на Нов Јужен Велс на 1300 022 011.